Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа

Илустрација, Газа

Камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа од јужен Израел на 26 мај, според новиот договор за заобиколување на преминот Рафа со Египет, откако израелските сили ја зазедоа палестинската страна на преминот.

Сепак, не е јасно дали хуманитарните групи ќе можат да пристапат до камиооните поради тековните борби во областа.

Египет одбива повторно да ја отвори својата страна на преминот Рафа додека на Палестинците не им се врати контролата на страната Газа. Египет се согласи привремено да го пренасочи сообраќајот преку израелскиот премин Керем Шалом, главниот карго терминал во Газа, по разговорите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси.

Видете и ова: Израел го бомбардира Појасот Газа и покрај наредбата да сопре од меѓународниот суд

Но, тој премин беше главно недостапен поради борбите поврзани со израелската офанзива во блискиот град Рафа. Израел тврди дека дозволил да влезат стотици камиони, но хуманитарците од ОН тврдат дека е премногу опасно да се земе помош од другата страна.

Во осуммесечната војна меѓу Израел и палестинската група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, според податоците на Хамас, загинале повеќе од 35.900 Палестинци, без да се прецизира колку цивили и борци.

Околу 80 отсто од 2,3 милиони жители ги напуштиле своите домови, силна глад е широко распространета, а претставници на ОН велат дека делови од територијата доживува глад.

Хамас ја започна војната со нападот врз Израел на 7 октомври, во кој палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а земаа околу 250 заложници. Хамас сè уште држи околу 100 заложници и останките на околу 30 други, откако повеќето од другите беа ослободени за време на прекинот на огнот минатата година.

Доцна на 25 мај, Хамас тврдеше дека заробил израелски војник за време на борбите во северниот дел на Газа и објави видео на кое се гледа како ранетиот е влечен низ тунел. Израелската армија негираше дека некој од нејзините војници бил заробен, а Хамас не обезбеди други докази за да го поткрепи своето тврдење.