ОН: Најмалку 670 луѓе загинале при лизгање на земјиште во Папуа Нова Гвинеја

Илустрација, село во Папуа Нова Гвинеја

Се верува дека повеќе од 670 луѓе загинале по огромно лизгање на земјиштето во Папуа Нова Гвинеја, изјави претставникот на Обединетите Нации,Серхан Актопрак за новинската агенција Франс Прес. Првичните проценки се дека се затрупани најмалку 150 куќи и дека се загинати над 670 луѓе.

„Ситуацијата е ужасна затоа што сè уште се забележува лизгање на земјата. Водата тече и тоа создава огромен ризик за сите вклучени во спасувањето“, додаде Актопрак, кој е со седиште во Порт Морезби.

Некогаш раздвиженото село на ридот во провинцијата Енга беше речиси целосно уништено кога лизгањето на земјиштето се случи во раните утрински часови во петокот, затрупајќи голем број домови и луѓето што спиеја внатре.

Видете и ова: Серија земјотреси во регионот на Неапол


„Луѓето користат лопати, но и големи земјоделски вилушки за да ги отстранат телата затрупани под надојдената почвата“, рече Актопрак.

Повеќе од 1.000 луѓе се раселени поради катастрофата, додаде тој, а градините со храна и залихите на вода се речиси целосно збришани.

Агенциите за помош и локалните лидери првично стравуваа дека меѓу 100 и 300 луѓе можеби загинале во катастрофата.

Бројот на жртвите беше ревидиран бидејќи спасувачите на терен сфатија дека во селото живеат повеќе луѓе отколку што беше првично проценето, рече Актопрак.

Станува збор за село кое е дом на повеќе од 4.000 рудари кои бараа злато во регионот на висорамнините.