Европскиот пат на Северна Македонија минува низ Грција и тој може да остане затворен, ако не се испочитува договореното, повтори грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за грчкиот весник „Та неа“, јавува новинската агенција МИА.
„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат кој поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“, изјави Мицотакис.
Грчкиот премиер оваа порака ја испраќа до македонските власти во ситуација кога во земјава се менува власта по претседателските и парламентарните избори во кои победи десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Грција e против логиката на Сиљановска-Давкова за употреба на уставното име формално, но не и во јавни настапиПо шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава. Ако до 2018, речиси три децении летаа искри меѓу Атина и Скопје за името на државата, изминативе две недели остри реакции се разменуваат околу тоа како и кога треба да се употребува новото уставно име - Северна Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како иден премиер, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.
И ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија во Грција беа во опозиција кога беше потпишан Договорот во Преспа и се изјаснија дека се против него, но дека ќе го почитуваат како меѓународен договор.
Во меѓувреме опозициската Сириза која е потписник на Преспанскиот договор најави дека во грчкото собрание ќе ги поднесе за ратификација трите меморандуми со Северна Македонија кои веќе шест години чекаат „амин“ од пратениците.