Вучиќ-Грција има повеќе 'рбет од Северна Македонија за гласањето во ОН

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Генералното Собрание на Обединетите Нации

Српскиот претседател Александар Вучиќ, синоќа (24 мај) во Белград изјави дека е погоден од гласањето на резолуцијата за Сребреница од Северна Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации (ГС ОН), бидејќи „најмногу инвестирал“ во односите со таа земја.

По враќањето од Њујорк, каде што зборуваше на седницата на Генералното собрание на ОН каде беше усвоена Резолуцијата за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, Вучиќ за ТВ Прва изјави дека за разлика од гласањето на Црна Гора потешко е погоден од ставот на Скопје, без разлика на приказните за претходната влада.

Видете и ова: Реакции во Србија по усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница


„Односот на Северна Македонија не е фер затоа што ми се чини дека најмногу вложив во односите со браќата Македонци и тие секогаш ќе бидат наши браќа. Се покажа дека Грција (која беше воздржана) има повеќе 'рбет од Северна Македонија и тоа е така, го сакале ние тоа или не,“ рече Вучиќ.

Резолуцијата беше усвоена со 84 гласа „за“, 19 гласа „против“ и 64 „воздржани“, а тоа значи дека 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

По завршувањето на заседавањето во ОН, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им се заблагодари на сите земји што беа воздржани или гласаа против. Особена благодарност Вучиќ упати до Кина, Русија и Обединетите Арапски Емирати.