Илјадници грузиски демонстранти протестираат против законот за „странски агенти“

Протести во Грузија против законот за „странски агенти“

Неколку илјади луѓе се собраа во петокот вечерта (25 мај) во Тбилиси против законот за „странско влијание“, за кој се вели дека е инспириран од сличен закон за „странски агенти“ во Русија и има за цел да ја замолчи опозицијата.

Во понеделник, 27 мај, грузискиот парламент ќе ја започне процедурата за поништување на ветото на претседателот против текстот што веќе го усвоија пратениците, потсетува новинската агенција Франс прес.

Демонстрантите, веејќи грузиски и европски знамиња, отидоа до седиштето на Министерството за внатрешни работи барајќи ослободување на лицата приведени за време на претходните демонстрации.

Видете и ова: „Шемата“ на рускиот импровизиран систем за мобилизација


Грузиската опозиција и Западот ги осудија законите како закана за амбицијата на Грузија, поранешна советска република, да се приклучи на Европската унија и ја повлекува назад кон Русија.

И покрај големите улични протести, грузиските пратеници гласаа за законот на 14 мај.

Законот бара секоја невладина организација или медиум што добива повеќе од 20 отсто од своите средства од странство да се регистрира како „организација која ги следи интересите на странска сила“ и да подлежи на административна контрола.

Грузискиот про-ЕУ претседател Саломе Зурабишвили стави вето на законот, но владејачката партија Грузиски сон, која стои зад проектот, вели дека има доволно гласови во парламентот за да го отфрли ветото.

Комисијата за правни прашања на 27 мај официјално ќе ја започне процедурата за укинувањето на тоа вето, соопшти собраниската служба и додава дека гласањето на пленарна седница е планирано за вторник, 28 мај.

Шефот на американската дипломатија, Антони Блинкен, во четвртокот изјави дека САД ќе ја преиспитаат сета соработка со Грузија поради усвојувањето на законот.