Тешки борби на северот на Газа, израелски тенкови навлегуваат во Рафа

Газа

Израелските сили ги засилија воените напади во Појасот Газа, рекоа жителите и медицинските работници, при што беа пријавени тешки борби во Џабалија, во северниот дел на палестинската енклава и тенкови кои продираат подлабоко во јужниот дел на Рафа.

Лекарите рекоа дека најмалку пет Палестинци биле убиени кога биле погодени куќи во Џабалија и дека се верува дека повеќе се затрупани под урнатините, но дека во областа не може да се стигне поради интензитетот на бомбардирањето.

Израелската војска претходно соопшти дека нејзините сили ја исчистиле Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Газа, но се вратиле таму овој месец, велејќи дека тоа било за да се спречи прегрупирање на исламистичките милитанти.

Видете и ова: Израел го нападна источниот дел на Рафах, САД со закана дека ќе го запрат снабдувањето со оружје

Жителите рекоа дека тенковите уништиле локалниот пазар и дека булдожерите продолжиле да уништуваат продавници и имот во тесните улички на Џабалија.

Судиите во највисокиот суд на Обединетите нации(ОН) попладне на 24 мај треба да донесат одлука за барањето на Јужна Африка да му нареди на Израел да ја запре офанзиватана Рафа и да се повлече од Појасот Газа, како дел од поширокиот случај во кој Израел се обвинува за геноцид.

Израел го започна нападот врз Газа откако Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 35.000 луѓе, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.