Европската унија(ЕУ) ја критикуваше Русија за отстранување на ознаките (пловечки маркери) на реката Нарва што ја означуваат границата со Естонија.
„Овој граничен инцидент е дел од поширокиот модел на провокативно однесување и хибридни дејства од страна на Русија, вклучително и на нејзините поморски и копнени граници во регионот на Балтичкото Море. Таквите дејства се неприфатливи“, рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност.
Естонија на 23 мај објави дека руските граничари пред зори ги отстраниле ознаките од реката Нарва, која ги дели двете земји.
Русија го оспори поставувањето на пловечките маркери, кои се користат за да ги спречат чамците да залутаат во странски води и не се согласува со планираните локации за околу половина од ознаките, соопшти естонската гранична служба.
Естонската премиерка Каја Калас изјави дека нејзината земја се обидува да ја разјасни ситуацијата со Русија.
Таа рече дека се чини дека тоа е дел од „поширока шема“ на Москва за употреба на „алатки поврзани со границите за создавање страв и вознемиреност“.
Рускиот вршител на должност во Естонија, Ленар Салимулин, на 24 мај беше повикан во естонското Министерство за надворешни работи, кое соопшти дека отстранувањето на пловечките маркери го третира како „провокативен инцидент на границата“ и дека тоа „добро се вклопува во пошироката шема на руската провокативно однесување, вклучително и на границите со соседите“.
Лидерите на Летонија и Финска најавија дека двете земји ќе реагираат мирно и врз основа на факти на ненадејниот руски проект за редефинирање на поморската граница во Балтичкото Море.
„Јасно е дека Русија бара нови начини за хибридни дејства и на нашите граници на ЕУ и НАТО. Се разбира, треба да бидеме внимателни и да реагираме врз основа на фактите“, изјави летонската премиерка Евика Силиња во Рига, по состанокот со нејзиниот фински колега Петри Орпо.
Орпо рече дека земјите ќе продолжат внимателно да го следат развојот на настаните.
„Ние сме и мора да бидеме добро подготвени за сите видови закани кои доаѓаат од Русија“, рече Орпо.
Тој додаде дека е можно да се види „временската поврзаност со сите овие прашања во Финска, во Литванија, во Естонија“.
Руското Министерство за одбрана објави нацрт на контроверзната иницијатива за прилагодување на поморските граници во Финскиот залив и руски Калининград, кој граничи со Литванија, што веднаш предизвика тревога во соседните држави.
Нацртот потоа исчезна од базата на податоци без да се наведе причината.