Се одбележува 24 мај - Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Северна Македонија - споменикот на Свети Кирил и Методиј, Скопје

Со повеќе настани во Северна Македонија се одбележува 24 мај - Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост.

Државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.

Државниот врв го честита 24 Мај. Претседателката Сиљановска Давкова во честитката порача дека со своето знаење, жед за вистината, правдољубивоста, посветеноста, хуманизмот и благородноста, светите Кирил и Методиј покажале дека можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите.

„Благодарение на нив, словенските народи добија можност за развој на својата духовност, култура, образование, а македонската јазична и културна самобитност, светогледот и космополитизмот, се втемелени од нивната работа“, пишува во честитката од Сиљановска Давкова.

Видете и ова: Првата официјална посета на Сиљановска Давкова во странство ќе биде во Ватикан и Рим

Техничкиот премиер Талат Џафери испрати две одделни честитки по повод Денот на сесловенските просветители. Едната е до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до Синодот на МПЦ-ОА, свештенството и монаштвото на Црквата и до сите верници, а другата до ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, Биљана Ангелова, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите, до студентите на Универзитетот и до граѓаните.

Во честитката на собранискиот спикер Јован Митрески, пишува дека „делото на светите браќа Кирил и Методиј е темел на македонското јазично и духовно битисување во семејството на словенските народи во Европа и е голем цивилизациски придонес како за македонскиот, така и за сите народи кои ги негуваат словенските културни вредности и традиции“.

Во пресрет на Денот на 24 Мај, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова на прием кај Папата, средба со Радев нема да има

По повод Денот на сесловенските просветители, на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ беа одржани Првите Кирилометодиеви научни средби. Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции.

Во согласност со Законот за празници, 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани на Северна Македонија.