Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа за време на викендот, беше погребан во неговиот роден град Машхад во четвртокот, на 23 мај.
Раиси беше погребан до мавзолејот на осмиот шиитски имам Реза, најважното шиитско светилиште во земјата, објави државната телевизија ИРИБ.
Три милиони луѓе беа присутни на погребната церемонија, пренесува државната медиумска агенција ИРНА. Немаше независни проценки за бројот на присутни.
Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан и уште седум други лица загинаа во хеликоптерска несреќа во неделата во северозападниот дел на земјата.
Амирабдолахијан беше погребан во главниот град Техеран во четвртокот.
Пред ова, во регионот на Хорасан, од каде што потекнува Раиси, се одржа уште една погребна церемонија поддржана од државата, на која присуствуваа десетици илјади луѓе, а поворката со неговиот ковчег помина и низ Техеран.
Видете и ова: Кој е Ебрахим Реиси?Главниот град на провинцијата Бирјанд е избран за претпоследна станица за погребните церемонии, бидејќи Реиси имал посебен однос со тој град, објасни претходно потпретседателот Мохсен Мансури.
Раиси го претставуваше и Бирџанд во Советот на експерти, влијателно свештено тело во Иран.
Погребните церемонии за смртта на Раиси започнаа на 21 мај во шиитскиот свештенички центар Ком и во Табриз, главниот град на иранската провинција Источен Азербејџан, каде што се урна хеликоптерот.
Ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран, го назначи Мохамад Мокбер, потпретседател на Раиси, за привремен претседател на земјата до одржувањето на новите претседателски избори на 28 јуни.