Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Србија ја интензивира соработката со Русија, Кина и Иран, предупредувајќи дека постои реална опасност од, како што рече, „нова војна во регионот“.
На конференцијата за одбрана во Лондон, Курти рече дека усогласувањето на Србија со Русија, „деструктивниот пристап“ кон Косово и огромното вооружување се „показатели дека Србија се стреми кон ескалација со намера да ги оствари своите територијални амбиции“.
Тој исто така посочи дека во време кога Европа доживува војна, мислејќи на војната во Украина, „не можеме да ја игнорираме заканата од нова војна во регион кој многу добро знае што значи тоа“.
„Три од четирите бригади на здружената српска армија, вклучително и 48 напредни бази околу границата со Косово, без други специјализирани единици, се стационирани на југот на територијата, во близина на границата со Косово. Заканата не е само теоретска. Ризикот од нова војна е реален“, рече тој.
Курти го спомена и нападот врз косовската полиција во Бањска во Звечан.
Во септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, убивајќи го наредникот Африм Буњаку. Во размената на оган загинаа тројца напаѓачи.
Косово смета дека Србија е одговорна за организирање и извршување на нападот, нешто што Белград го негира. Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.
Видете и ова: Курти обвини-Радоичиќ планира нови напади на КосовоСе претпоставува дека Радоичиќ моментално е во Србија. Во декември минатата година, Меѓународната полициска агенција (ИНТЕРПОЛ) издаде налог за апсење на Радоичиќ на барање на Косово.
Меѓународната заедница постојано бара одговорните за нападот да бидат изведени пред лицето на правдата.
Курти рече дека група од речиси 100 вооружени лица влегла во Косово „со план за подолг и поширок конфликт во северниот дел на нашата земја“.
„Не е само класификацијата на Србија со Русија што сугерира дека целта на таа група била да го повтори она што Русија го направи во Донбас во 2014 година“, рече Курти.
Тој мислеше на конфликтот во источна Украина што започна во 2014 година меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските војници.
Курти нагласи и дека „нема сомнеж“ за тоа кој е виновен за нападот во Бањска.
„Нападот на Бањска се случи поради заземањето на државата во Белград и агресивните и експанзионистички амбиции на оние од врвот“, рече Курти.
Видете и ова: Што научивме од патувањето на Си Џинпинг во ЕвропаТој додаде дека Косово не е единствената земја од Западен Балкан која е ранлива на физички напади.
Според него, заканата се манифестира и преку „огромна дезинформациска инфраструктура која Русија помогнала да се изгради, а која ја користи интервенцијата на НАТО за да го оцрни Западот“.
На крајот на минатата година беше објавен извештај за дезинформации, кој го подготви Балканската истражувачка мрежа (БИРН) со поддршка на Европската Унија.
Во извештајот се наведува дека Косово е изложено на дезинформации и наративи кои доаѓаат од Русија и Кина, кои имаат за цел да поттикнат меѓуетничка и меѓуверска војна во земјата, да го криминализираат НАТО и да ја намалат довербата на општеството во евроатлантските интеграции, како и да ја прикажат Соединетите Американски Држави како лош пример.