Владата на Република Српска (РС) во следните 30 дена ќе состави договор кој ќе му биде испратен на другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина, а кој ќе се однесува на „мирна разделба“ во Босна и Херцеговина, соопшти премиерот на РС, Радован Вишковиќ, по седницата на Владата на РС одржана во четвртокот на 23 мај.
Седницата на Владата на РС се одржа во пресрет на денешната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на чиј дневен ред е Резолуцијата за Сребреница.
„Ова не е отцепување, мирната разделба не е отцепување, уставно загарантираното право е мирното раздружување. Ние ќе понудиме разделба, бидејќи ако не сметате за геноциден народ, што не сме, тогаш не мораме да живееме заедно“, рече Вишковиќ, без да се наведе други детали за чекорите што ќе се преземат.
На седницата присуствуваше и претседателот на РС Милорад Додик.
Резолуцијата со која се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, беше спонзорирана од триесет земји. Официјални предлагачи на резолуцијата за Сребреница се Германија и Руанда.
Резолуцијата досега ја поддржаа сите земји од Западен Балкан, освен Србија и босанскиот ентитет Република Српска.
Видете и ова: Генералното собрание на ОН ќе расправа за резолуцијата за СребреницаИ покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград и властите на босанскиот ентитет Република Српска негираат дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, но зборуваат за „страшно злосторство“.
Србија активно лобира против усвојувањето на резолуцијата, а Собранието на РС усвои протестна нота, упатена до членките на Обединетите нации, во која побараа повлекување на резолуцијата ден пред да се расправа за резолуцијата во ОН.
Пред гласањето во Собранието на ОН, во Сребреница, Бања Лука и другите градови во ентитетот, беа поставени билборди и знамиња на босанскиот ентитет Република Српска и Србија.
За геноцидот во Сребреница, кој го изврши Армијата на РС и во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци, повеќе од 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го карактеризираше злосторството во Сребреница како геноцид.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според податоците од Меморијалниот центар Поточари од јули 2023 година, пронајдени и закопани се посмртните останки на 6.751 жртва на геноцидот во Сребреница, додека по околу илјада жртви се уште се трага.
Радован Караџиќ, првиот претседател на ентитетот Република Српска, беше законски осуден во Хаг на доживотна затворска казна за геноцидот во Сребреница, како и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната во другите делови на Босна и Херцеговина.
Во истиот суд за геноцид на доживотен затвор е осуден и главниот командант на ВРС, Ратко Младиќ.