Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која денеска е во работна посета на Ватикан, оствари средба со папата Франциск. Претседателката ја предводи државно-црковната делегација во посета на Рим и Ватикан, по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
„Се усогласивме околу актуелните проблеми, на поддршката на Ватикан на патот кон ЕУ, на поддршката на Ватикан на Западен Балкан, 30 години потоа соработката. Рековме дека успесите се очигледни, потврдивме дека посетата во 2019 беше неверојатно инспиративна, не само за малото стадо на кое папата му порача да не се плаши, туку за сите религии. Пример сме за религиозен дијалог, и тој ќе продолжи, Ватикан верува во нашата сила“, изјави Сиљановска-Давкова.
Видете и ова: Првата официјална посета на Сиљановска Давкова во странство ќе биде во Ватикан и Рим
Во Рим е и бугарскиот претседател Румен Радев, но средба со него нема да има. Сиљановска- Давкова изјави дека и двајцата изразиле подготвеност за средба, но дека и двете делегации имаат агенди кои треба да ги следат.
„Изразивме, и јас изразив, и претседателот Радев, подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент ќе ја реализираме“, изјави Сиљановска-Давкова.
Видете и ова: Официјална Софија по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова: Договорите мора строго да се спроведуваат
Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.
Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.
Ова е прва официјална посета во странство на претседателката Сиљановска-Давкова, која неодамна беше инаугурирана како претседателка на Северна Македонија.