Речиси 11 000 луѓе евакуирани од регионот Харкив

илустрација

Речиси 11 000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови во регионот Харкив, во североисточна Украина, откако руските сили започнаа копнена офанзива во пограничната област, изјави гувернерот Олег Синегубов.

„Вкупно 10 980 луѓе се евакуирани“, напиша гувернерот на регионот Харкив на Телеграм.

Илјадници луѓе ги напуштија своите домови додека руската армија зазеде неколку погранични села на почетокот на ненадејната офанзива на 10 мај во правец на Липци и Вовчанск, принудувајќи го Киев да брза со засилување.

Видете и ова: Руски напади врз украинската енергетска инфраструктура

Борбите продолжуваат во регионот Вовчанск, град кој пред војната имал околу 18 000 жители и се наоѓал на само пет километри од границата, соопшти Генералштабот на украинската армија.

„Нашите бранители даваат добар одговор“, се додава во соопштението.

Претходно неделава украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека Украина постигнува опипливи резултати наспроти руската офанзива во овој регион.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.