По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска определи мерки за претпазливост за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која првоосомничен е врховниот судија, Наке Георгиев.
„По денешното произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител како и ценење на фактите и доказите во прилог на ОЈО ГОКК, донесе решение со кое предлогот се уважува. На осомничениот му се опредлуваат мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т. 2 и 3 односно обврска на осомничениот повремено да се јавува на определено службено лице во судот и одземање на патна и друга исправа за напуштање на државната граница како и забрана за издавање нова“, информираше Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека мерките важат до правосилноста на постпаката, а против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Осомничениот, согласно одлуката на Кривичен, има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.
Видете и ова: Притвор за осомничениот врховен судијаВо изјава за медиумите, Мемети рече дека е во сечиј интерес постапката да заврши што побрзо.
„Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил“, изјави Мемети.
Видете и ова: OJO покрена истрага против две лица за противзаконито влијаниеПретходно, Основниот кривичен суд му определи мерка притвор во траење од 30 дена на врховниот судија Георгиев, поради постоење на сомневања дека може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Двајцата осомничени се дел од истрагата што ја отвори ОЈОГОКК и се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.