Во пресрет на закажаниот Извршен одбор на СДСМ вечерва, претседателот на партијата Димитар Ковачевски официјално го потврди повлекувањето од функцијата, а побара тоа да го стори и досегашното раководство - од централните партиски органи се до општинските органи на раководење на партијата.
„И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност. Овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки“, пишува Ковачевски во дописот до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор, Славјанка Петровска.
Според Ковачевски, процесот на обнова на СДСМ мора да биде на сите нивоа во партијата, но, да не биде брзоплет. Наведува дека „длабоката внатрешна промена и консолидација може да го направат оние кои немаат багаж од каков било вид.
Во дописот, Ковачевски бара свикување на Конгрес на СДСМ, а причината е анализа на изборните резултати. На дневен ред на Конгресот смета дека треба да биде избор на работно претседателство и претседавач со Конгресот, негово реферирање како и на раководството за периодот од декември 2021 до мај 2024 година, извештај од централните изборни штабоди за двојните избори, како и изјаснување за довербата на органите на СДСМ избрани од Конгресот.
Видете и ова: Ковачевски: Резултатот е разочарувачки, повикувам на нови внатрешни избори во СДСМ„Првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновување на идеолошката и вредносна матрица која ќе ги собере сите прогресивни сили на левиот центар во државата. Вториот чекор, треба да биде длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал, со вистински и докажани социјалдемократи, со вредности и знаење, со чесност и енергија, со мотив и со искреност кон партијата. И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата која ќе овозможи целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки“, пишува Ковачевски.
Претседателот во заминување, Димитар Ковачевски смета дека граѓаните со право се незадоволно и не веруваат во ништо, дека многуте кризи придонеле граѓаните да се чувствуваат несигурни, да се иселуваат и да немаат верба во државата.
„Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција и изневерените очекувања на граѓаните, нискиот просечен раст на економијата во изминатите три декади, непотизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот, кој ја јаде и разорува државата и кој мора конечно да се промени. Таа промена треба да започне од СДСМ, која ќе може најпрвин да ја препознаат членовите и симпатизерите на партијата, за да може да ја препознаат и граѓаните“, пишува Ковачевски.
Вечерва ќе се одржи Извршен одбор на СДСМ на кој Ковачевски ќе го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ, ќе побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
„Ве информираме дека на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати“, наведуваат од партијата.
По исходот од изборите, оставки од партиските функции во СДСМ поднесоа четворица потрептседатели - Фатмир Битиќи, Јованка Тренчовска и Перо Костадинов, Сања Лукаревска.
На неодамнешните парламентарни избори, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 436.036 гласови, речиси тројно повеќе од коалицијата на СДСМ, кој ја предводеше Владата на Северна Македонија по последните седум години.
На претседателските избори, пак, универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, освои повеќе од двојно гласови од досегашниот претседател Стево Пендаровски, со што стана и првата жена претседателка на Северна Македонија.