Венецијанската комисија на Советот на Европа препорача властите во Грузија да се откажат од воведувањето на планираниот закон за „странски агенти“, кој беше осуден од Западот и доведе до масовни улични протести од локалната јавност.
„Венецијанската комисија силно препорачува укинување на законот во неговата сегашна форма, бидејќи неговите основни недостатоци ќе вклучуваат значителни негативни последици за слободата на здружување и изразување, правото на приватност, правото на учество во јавните работи, како и забрана за дискриминација“, се вели во итното мислење објавено на 21 мај.
Како што пренесува РСЕ на англиски јазик, Комисијата, на барање на Парламентарното собрание на Советот на Европа, се обврза да го оцени грузискиот закон, кој критичарите го споредуваат со законите што се користат во Русија за замолчување на независните медиуми и граѓанското општество.
Комисијата соопшти дека жалат што грузискиот парламент не го чекал нивното мислење пред да го усвои законот и покрај повиците на претседателот на Парламентарното собрание и генералниот секретар на Советот на Европа.
Владејачката партија Грузиски сон, која го протурка законот низ парламентот, го отфрли извештајот на Комисијата.
„Најдовме многу неосновани и контрадикторни правни објаснувања, како и бројни груби искривувања на фактите во заклучоците, што дополнително ја поттикнува радикализацијата на одредени групи“, рече Саломе Курасбедијани од владејачката партија, на брифинг за новинари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Таа додаде дека е очигледно дека сето тоа го поткопува кредибилитетот на таа институција и вредностите на кои треба да служи.
Таканаречениот Закон за странски агенти, беше осуден од Соединетите Држави, Европската Унија и организациите за човекови права. Во знак на протест против законот, илјадници Грузијци учествуваа во демонстрациите кои беа насилно задушени од властите.
Законот ќе бара од медиумите и невладините организации да се регистрираат како „оние што ги застапуваат интересите на странска сила“ доколку добиваат повеќе од 20 отсто од своите финансии од странство.
Противниците на законот укажаа на слични закони што ги користи претседателот Владимир Путин за да го задуши неистомислениците и независните институции, што ги поттикна Грузијците да ја наречат мерката „руски закон“ и да ја сметаат за закана за патот на земјата кон европските интеграции.