Макрон патува во Нова Каледонија по немирите кои ја зафатија областа

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (22 мај) полета на француската пацифичка територија Нова Каледонија, каде во деветдневните немири загинаа шест лица, стотици беа повредени, а беа палени автомобили, продавници и јавни згради.

Француските власти соопштија дека насилството се намалило откако од Париз биле распоредени 1050 војници, тактичка полиција и засилување на националната безбедност, вклучително и во „многу чувствителните“ области.

И покрај тоа, две основни училишта и 300 автомобили беа запалени во главниот град на територијата Нумеа во текот на ноќта, изјавија од канцеларијата на градоначалникот за АФП.

Полицијата уапси повеќе од 280 „учесници“ во немирите што ја зафатија француската територија од 270 000 луѓе, соопштија властите. Локалните обвинители велат дека биле оштетени околу 400 продавници. Билансот е шест загинати и неколку стотици повредени.

Зошто се појавува знаме на Азербејџан на нередите во Нова Каледонија?

Немирите започнаа на 13 мај кога Франција расправаше за нацрт-законот со кој на илјадници француски граѓани во јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право да гласаат на покраинските избори.

Движењето за независност на Нова Каледонија стравува дека таквата промена ќе резултира со слабеење на политичкото влијание кај домородниот народ Канак.

Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 гласа „против“. За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

Областа, каде што живеат околу 270 000 жители, доби голема автономија со договорот со Номеа. Островот се наоѓа на околу 1200 километри источно од Австралија.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа за да останат како дел од Франција. Но, Движењето за независност го бојкотираше последното гласање и најави дека нема намера да ги прифати резултатите.