Норвешка, Шпанија и Ирска ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај

илустрација

Шпанија, Ирска и Норвешка објавија дека ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај.

Норвешка ќе го признае постоењето на палестинска држава на 28 мај, објави во денеска (22 мај) норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и покрај предупредувањата од израелската влада.

„Ние веруваме дека решението со две држави е во најдобар интерес на Израел“, рече норвешкиот премиер на специјално свикана прес-конференција.

Тој додаде дека целта е „да се постигне палестинска држава која е политички кохезивна и која произлегува од палестинската самоуправа“.

И премиерот на Шпанија Педро Санчез на денешната седница на Конгресот најави дека Шпанија ќе ги следи чекорите на Норвешка и Ирска и ќе ја признае државата Палестина.

„Неопходно е да се одржи идејата за две држави. Нетанјаху останува глув и го казнува населението со глад и ужас. Нетанјаху нема мировен проект за Палестина“, рече Санчез.

Исто така денеска, ирскиот премиер Сајмон Харис ја даде својата изјава, велејќи дека тоа е потег координиран со Шпанија и Норвешка, „историски и важен ден за Ирска и Палестина“.

Неколку земји од Европската Унија во последните недели посочија дека планираат да ја признаат палестинската државност, тврдејќи дека решението со две држави е клучно за траен мир во регионот.

Норвешка, која не е членка на Европската Унија, но ги отсликува нејзините потези, беше жесток поддржувач на решението за две држави меѓу Израел и Палестина.

„Теророт беше извршен од Хамас и милитантни групи кои не се поддржувачи на решението за две држави и државата Израел“, изјави шефот на норвешката влада. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Тој исто така рече дека Палестинците имаат основно право на сопствена држава.

„Не може да има решение за две држави без палестинска држава. Со други зборови, потребна е палестинска држава за мир на Блискиот исток“, рече премиерот.

Видете и ова: Израел ја отфрла одлуката на Генералното собрание на ОН за палестинска државност

Брзиот развој на настаните наиде на осуда од Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, им нареди на израелските амбасадори од Ирска и Норвешка веднаш да се вратат во Израел, бидејќи Норвешка соопшти дека ќе ја признае палестинската држава и се очекува Ирска да го стори истото.

„Ирска и Норвешка имаат намера денеска да испратат порака до Палестинците и до светот: тероризмот се исплаќа“, рече Кац.

Тој рече дека признавањето може да ги попречи напорите за враќање на израелските заложници држени во Газа и да направи прекин на огнот помалку веројатен со „наградување на џихадистите од Хамас и Иран“. Тој, исто така, се закани дека ќе го отповика амбасадорот на Израел во Шпанија доколку таа земја заземе сличен став.

Видете и ова: Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро ќе ја признаат палестинската независност

Претходно овој месец, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Албарес рече дека го информирал американскиот државен секретар Ентони Блинкен за намерата на неговата влада да ја признае Палестина.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави признавањето на палестинската држава од страна на Норвешка и ги повика другите земји да го следат примерот.

Во изјавата пренесена од официјалната новинска агенција Вафа, тој рече дека одлуката на Норвешка, објавена во средата, ќе го зајакне „правото на палестинскиот народ на самоопределување“ и ќе ги поддржи напорите за постигнување решение за две држави со Израел.