Очекуваме дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, рече заменик -помошникот секретар на Соединетите Држави во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет.
Ескобар, за време на разговорот за улогата на САД во услови на предизвици на Западен Балкан, беше прашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа, сè уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
„Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори Ескобар.
Тој рече дека всушност „постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива“.
„Се надевам дека ќе видиме тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада“, истакна Ескобар.
Видете и ова: Ален - САД ги охрабруваат лидерите на Северна Македонија да го почитуваат Преспанскиот договорГрција се закани дека ќе го поврзе напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со употребата на уставното име на земјата, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Северна Македонија, при заклетвата на инаугурацијата за претседател.
Кабинетот на претседателката, веднаш по инаугурацијата, соопшти дека Сиљановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, „но во своите јавни настапи таа има право да користи Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“.