Нема нерегуларности при прегласувањето на болните и затворениците во 7 избирачки места

Избори 2024 година

Државната изборна комисија (ДИК) за денешното прегласување на болните и немоќни, затворениците и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024, информираат дека се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности.

Од ДИК соопштуваат дека 43 oд вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни гласале на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга.

„На ИМ 2101 во Желино гласале сите 4 лица кои биле запишани како болни или немоќни.
На ИМ 1194 Крушево од 20 запишани лица гласале 18, а на ИМ 1202 Крушево гласале сите 6 запишани лица.
На ИМ 1272 Охрид, правото на глас денес го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список.
На ИМ 1470 Долнени во кое имаше запишано 7 лица како болни или немоќни и на ИМ 1470/1 Долнени со запишани 2 лица, сите го искористија правото на глас.
На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласале во текот на денот“, велат од ДИК.

Видете и ова: ДИК: Прегласување во седум избирачки места на 22 мај


Од ДИК посочуваат дека денеска сите 5 пријавени лица за гласање во затворите во Прилеп и Шуто Оризари гласале во објектите каде престојуваат. Наведуваат дека своето право на глас го оствариле и двајцата пријавени гласачи во центрите за вонсемејна грижа во општините Карпош и Битола.

Државната изборна комисија(ДИК) го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани.

ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места. Утре ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024 година при што може да дојде до промена на распоредот на мандати во Собранието.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.