Одреден е притвор за Наке Георгиев, осомничениот актуелен врховен судија. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Н.Ѓ., за кој постои основано сомнение за кривичното дело Примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ, ја донесе ваквата одлука.
„По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението.
Инаку вчера врховниот судија беше уапсен за примање примање награда за противзаконито влијание, а како што соопшти полицијата, тој бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело. Судскиот совет го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори истражна постапка и против членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети и поранешен Државен правобранител, дека помагал на судијата. За него е побарана мерка на претпазливост.
Видете и ова: Судија или обвинител - Професии со „пресметан“ ризик„Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавува повремено на службено лице и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, се вели во соопштението на обвинителството.
Инаку двајцата се осомничени дека наводно барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој се наоѓа во притвор и е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев. Боро Стојчев веќе беше во затвор за шверц на цигари и беше осуден на 18 месеци затвор, а излезе за половина година откако му беше намалена казната.