Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година (КСЗД).
Претседателот на КСЗД Игор Јадровски, вели дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД е низок.
„Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба. Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата“, истакна Јадровски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во споредба со 2022 година, вели Јадровски, има тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, но пораст на случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и етничкиот родов идентитет.
Предизвиците со кои се соочува Комисијата се намалените човечки капацитети. Јадровски упати апел до законодавниот дом, како и останатите надлежни институции, да имаат слух за лимитираниот буџет на Комисијата и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност.
Комисијата и натаму ќе врши притисок за вклученост во закони и политики кои значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело кое треба да боде вклучено во работните групи.