Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека повикот на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење по него и премиерот Бенјамин Нетанјаху е „срамен“ обид да се ускрати правото на Израел на самоодбрана.
„Обидот на обвинителот Карим Кан да го ускрати правото на државата Израел да се брани и да ги ослободи киднапираните мора целосно да се отфрли“, напиша Галант на X.
Тој додаде дека обидот на обвинителот на МКС нема да успее и оти неговата „паралела меѓу терористичката организација Хамас и државата Израел е срамна и одвратна“.
Галант истакна дека „израелската армија води војна во согласност со меѓународното право“ и дека се бори против „непријателот кој изврши злосторства врз жени, деца и мажи на Израел, чии луѓе сега ги користи како жив штит“.
Видете и ова: Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Нетанјаху и на лидерот на ХамасОбвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан вчера изјави дека поднел барање за налози за апсење поради воени злосторства на највисоките лидери на Израел и Хамас поради нивниот конфликт.
Кан во изјавата соопшти дека бара потерници против израелските лидери Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за злосторства, вклучувајќи „намерно убиство“, „истребување и/или убиство“ и „изгладнување“.