Баербок во ненајавена посета на Киев

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бaербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бaербок пристигна изутринава во Киев и повика за поголема меѓународна поддршка за заштита на небото на Украина од руските воздушни напади, јави ДПА.

„За да се заштити Украина од руски ракети и беспилотни летала, итно и треба засилена воздушна одбрана“, рече таа на почетокот на нејзината седма посета на Украина по избивањето на сеопфатна војна во февруари 2022 година.

Нејзиното патување не беше најавено од безбедносни причини.

Видете и ова: Штајнмаер: Западен Балкан не смее да остане „сива зона за руско деструктивно влијание“

Бaербок рече дека сојузниците на Киев мора да ги „здружат силите“ заради Украина и да го спречат рускиот претседател Владимир Путин да испрати војници до „нашите граници“.

Таа истакна дека иницијативата предводена од Германија, чија цел е зајакнување на воздушната одбрана на Украина, собрала речиси една милијарда евра (една милијарда долари).

Во април, германската влада објави дека веднаш ќе и го испрати на Украина противвоздушниот одбранбен систем „Патриот“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го побара од западните сојузници.

Украинската армија во последните недели беше под голем притисок поради новата руска офанзива во областа Харкив. Киевските војници исто така се соочуваат со недостиг на муниција.

Русија тврди дека ја презела контролата врз голем број населени места за време на оваа офанзива.