Американскиот Стејт департмент во вторник (21 мај) објави дека е разочаран што косовската полиција презела мерки во финансиските канцеларии на северот на Косово.
Во одговорот за Радио Слободна Европа, Стејт департментот додава дека акцијата не била координирана со меѓународните партнери и дека тензиите ескалираат.
„Ја повикуваме Владата на Косово да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на Европската Унија како соодветен канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и оние на српското малцинство, негативно погодени од неодамнешните промени во регулативата за валутата“, се вели во одговорот од Стејт департменот.
Видете и ова: Од први февруари, еврото единствена валута во КосовоСпоред Стејт департментот, оваа акција ја поткопува перцепцијата за добрата волја на Косово за решавање на отворените прашања со Србија преку дијалог со посредство на ЕУ.
Властите во Косово спроведоа полициска акција против српските финансиски институции на северот на Косово, што резултираше со затворање на шест филијали на Поштенската штедилница и Народната банка на Србија во четири општини на северот на Косово, каде што живее српското мнозинство.
За време на акцијата, за која косовските власти соопштија дека се работи за воспоставување „ред и законитост“, биле одземени различни докази, вклучително и пари.
Видете и ова: Полициска акција на северот на Косово - затворени шест филијали на Поштенската штедилница на СрбијаКосовската полиција, која прикачи фотографии од запленетите пари, соопшти дека се пронајдени „околу 1.600.000 евра, околу 74.700.000 српски динари, околу 19.500 франци, околу 13.800 американски долари и околу 40 австралиски долари“.
Косовската полиција соопшти дека акцијата на северот на Косово била спроведена по пријави од институции за финансиски надзор, како што се единицата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово. Во акцијата учествуваше и даночната управа на Косово.
Високите функционери во Србија остро ја осудија полициската акција на северот, нарекувајќи ја „незаконска“. Од Белград е упатена покана до Меѓународната заедница да ги запре акциите од Косово кои според нив го „загрозуваат опстанокот“ на Србите на Косово.