Руските сили на 20 мај продолжија со својот немилосрден напад врз украинскиот регион Харкив, вклучително и со масовен напад со беспилотно летало врз самиот град, додека локалните власти рекоа дека вооружените украински војници сè уште држат околу 60 отсто од пограничниот град Вовчанск којшто е во фокусот на кампањата на Москва во последните недели.
„Непријателот продолжува да се обидува да ги потисне вооружените сили на Украина од Вовчанск“, изјави за националната телевизија Роман Семенуха, заменик-шеф на регионалната воена администрација.
Тој додаде дека „околу 60 отсто“ од Вовочанск е под контрола на украинските сили, но дека руските напади не престануваат, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Семенука рече дека Русите ги концентрираат своите напори на Вовчанск и Липци - уште едно населено место во областа каде што пред војната живееле околу 4.500 луѓе.
Видете и ова: Во руски напад врз областа Харкив загинаа 11 лицаУкраина соопшти дека рано денеска ги соборила сите 29 беспилотни летала камикази од типот Шахед, лансирани од Русија во Харкив, вториот по големина град во Украина.
Украинската војска, исто така, соопшти дека Русија лансирала балистичка ракета „Искандар-М“, но не соопшти дали била пресретната.
На 10 мај, руските трупи почнаа да ги гранатираат пограничните населби во регионот Харкив и започнаа копнена офанзива во областа Вовчанск. Се чини дека на 16 мај руските единици влегле во Вовчанск, на околу пет километри од границата, каде што се водат најжестоките борби на северот.
Заземањето на Вовчанск - дом на околу 17.500 луѓе пред војната - ќе го претставува најважниот напредок на Русија од почетокот на офанзивата во регионот Харкив, додека Кремљ се обидува да ги развлече украинските сили на североисток.
Видете и ова: Полска ќе инвестира 2,5 милијарди долари во границата со Русија и БелорусијаСоединетите Држави понудија нова поддршка за Киев, повикувајќи ги другите сојузници да продолжат со снабдување со оружје за да помогнат во одбраната на Украина.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и околу 50 шефови на одбрана од целиот свет се состанаа на 20 мај за да ги координираат дополнителните испораки на воена помош за Украина.
„Се среќаваме во време на предизвик“, рече Остин, ветувајќи дека американското оружје ќе продолжи да пристигнува „од недела во недела“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју објавено од Ројтерс, се пожали дека на западните сојузници им треба премногу долго за да донесат клучни одлуки за дополнителна воена поддршка.
„Секоја одлука до која ќе дојдеме ние, а подоцна и сите, доцни околу една година“, рече тој.