Пекинг: Тајван е Кина, без разлика кој е таму на власт

CHINA-TAIWAN-US-DIPLOMACY-POLITICS

Пекинг објави дека Тајван е дел од Кина, без разлика кој е таму на власт, објавија кинеските државни медиуми.

„Внатрешната политичка ситуација во Тајван на никаков начин нема да го промени историскиот и правниот факт дека двата брега на теснецот припаѓаат на една иста Кина“, објави на 20 мај портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин.

Кина го смета островот со 23 милиони жители, кој има автономна влада, како дел од сопствената територија и има намера да го врати под своја контрола.

„Независноста на Тајван е во ќорсокак“, рече Венбин.

Новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те, ја презеде функцијата во понеделникот и вети дека ќе ја продолжи рамнотежата за зачувување на суверенитетот на Тајван без формално прогласување независност.

Видете и ова: Новиот претседател на Тајван побара Кина да престане да се заканува

Во својот говор на инаугурацијата, тој рече дека Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

„Кина треба да престане со своите воени и политички закани“, рече Лаи во Тајпеј.

Тој изјави дека сака да разговара со Кина и дека Тајван нема да прави отстапки за демократијата и слободата.

Мирот е единствениот пат и тоа е нашата долгорочна цел“, рече новиот претседател на Тајван.

Пекинг го опиша Лаи како „опасен сепаратист“ поради неговите изјави за поддршка на независноста на Тајван.

Кинеската канцеларија за тајванските прашања соопшти дека во неговиот инаугуративен говор испратил опасен сигнал и го нарече провокација чија цел е да ја поткопа стабилноста меѓу двете страни на Тајванскиот теснец.