Велика Британија ќе потроши шест милијарди долари за гранични процедури по Брегзит

илустрација

Според проценките на парламентарната комисија за финансии, владата на Обединетото Кралство, по бројните одложувања, ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по Брегзит.

Британците гласаа за напуштање на Европската Унија во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да продолжат да функционираат синџирите на снабдување, пренесува Ројтерс.

Првата фаза, која подразбира воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата. Третата фаза, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август годинава.

Видете и ова: Анкета: Повеќе од половина Британци сакаат назад во ЕУ

Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на тие мерки во иднина.

Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од завршувањето на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година.

Ова предизвика несигурност во деловната заедница, додаде трошоци за владата и пристаништата и ги зголеми ризиците за биосигурност во Обединетото Кралство.