Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е на чекор од одлуката која би можела да доведе до негова евентуална екстрадиција во Соединетите Држави, кои го бараат по обвинение од 18 точки за објавување на стотици илјади доверливи документи.
Судот во Лондон се очекува да одлучи дали САД ги исполниле бараните гаранции пред да одлучи дали да дозволи нова жалба.
Минатиот месец, Високиот суд во Лондон пресуди дека, без одредени американски гаранции, на Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба против екстрадицијата. Тие гаранции вклучуваат дека во случај на судење во САД, Асанж ќе има право да се повика на првиот амандман и правото на слобода на говор, и дека нема да има нови обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна. Документот до кој имаше увид Ројтерс ги потврдува овие гаранции, отворајќи го патот на судот во Лондон да одлучи за негова екстрадиција.
Според сопругата на Асанж, Стела, судот би можел да одлучи да дозволи екстрадиција, да му даде дозвола да се жали или дури да го ослободи.
"Џулијан би можел да биде екстрадиран или да биде ослободен. Важно е да се запамети дека ова трае повеќе од пет години. Џулијан цело време беше во најозлогласениот затвор во Велика Британија. И седум години пред тоа во Еквадорската амбасада една година и во домашен притвор, всушност, секој ден од 7 декември 2010 година е во еден или друг облик на притвор“, вели неговата сопруга.
Таа додаде дека Асанж се бори да преживее во затвор и дека доказите за неговото ментално здравје укажуваат на сериозен ризик од самоубиство.
Видете и ова: Британскиот суд ја одложи екстрадицијата на Асанж во САДПедесет и двегодишниот Асанж, кој се наоѓа во затворот Белмарш, планира да присуствува на сослушувањето.
Одлуката би можела да стави крај на правната битка на Австралиецот што трае повеќе од 13 години во Британија. Пред да оди во затвор, Асанж помина седум години затворен во малата еквадорска амбасада во Лондон, каде што се засолни за да избегне екстрадиција во Шведска под обвинение за сексуален напад. Овие обвиненија подоцна беа отфрлени.
Откако му беше укинат еквадорскиот азил во 2019 година, тој беше затворен поради кршење на условите за кауција, а Соединетите Држави го започнаа процесот на екстрадиција. Американските власти велат дека неговите постапки биле непромислени, наштетиле на националната безбедност и ги загрозиле животите на агентите. Неговите поддржувачи велат дека обвиненијата се напад врз новинарството и слободата на говорот.
Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден рече дека го разгледува барањето на Австралија да се откаже од кривично гонење, што адвокатот на Асанж рече дека е „охрабрувачки“. Волстрит журнал, исто така, објави дека се водат дискусии за потенцијален договор за признавање вина. Доколку судиите се согласат на екстрадиција, само интервенцијата на Европскиот суд за човекови права би можела да ја блокира. Но, судот веќе двапати ги отфрли барањата на основачот на Викиликс.