Русија соопшти дека била изложена на голем напад со проектили и дронови во неделата, додека Украина соопшти дека повторно била цел на напади со беспилотни летала.
Во руските воздушни напади загинаа најмалку четири лица, а уште осум се повредени во предградијата на Харков, вториот по големина град во Украина на североисток, соопштија локалните власти.
Украинските трупи се борат да го запрат рускиот напредок во регионот Харков што започна кон крајот на минатата недела.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот за време на посетата на Кина изјави дека офанзивата на Москва во регионот Харков има за цел создавање тампон зона, но дека нема планови за заземање на градот.
Највисокиот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександр Сирски, во петокот изјави дека борбената зона е проширена за околу 70 километри во обид да го принуди Киев, кој и онака е во неповолна положба на бојното поле, да концентрира трупи во областа.
Видете и ова: Зеленски ја отфрли идејата за примирје за време на Олимписките игриПретходно, претставници на украинските воздухопловни сили објавија дека противвоздушната одбрана ги соборила сите 37 руски беспилотни летала лансирани на локации низ земјата во текот на ноќта.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека рано во неделата, неколку области во таа земја и на окупираниот Крим биле под интензивен напад со беспилотни летала и ракети.
Руската противвоздушна одбрана собори девет американски ракети над Крим, заедно со 57 беспилотни летала над рускиот регион Краснодар и три беспилотни летала над регионот Белгород, соопшти министерството.
Локалните власти соопштија дека шест беспилотни летала паднале на територијата на нафтената рафинерија Славјанск во Кубан во јужниот дел на Краснодарскиот крај, принудувајќи ја да ја прекине работата.
Гувернерот на делумно окупираната украинска област Керсон, Владимир Салдо, кој таму беше назначен од Москва, изјави дека во неделата едно лице загинало, а 16 се ранети кога украинско беспилотно летало удрило во минибус.