Полска ќе инвестира околу 2,5 милијарди долари за зајакнување на безбедноста на границата со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, изјави во саботата на 18 мај премиерот на оваа земја.
Доналд Туск изјави дека работата на проектот „Источен штит“, кој опфаќа воени утврдувања веќе е започната. Полска се наоѓа на источното крило на НАТО алијансата и Европската унија, а Туск посочи дека таа носи дополнителна одговорност за европската безбедност.
„Одлучивме дека ќе инвестираме во нашата безбедност, а пред се, во безбедната источна граница, околу 10 милијарди злоти (околу 2,5 милијарди долари)“, рече Туск.
„Започнуваме голем проект, изградба на безбедна граница, која ќе вклучува систем на утврдување и обликување на теренот, интервенции во околината што ќе ја направат нашата граница непробојна за потенцијалниот непријател“, изјави тој.
Видете и ова: Туск: Полска нема да штеди на зајакнување на источната границаТуск додаде дека работите се започнати за „границите на Полска да бидат безбедни во мир и непробојни за непријателот во војна“.
Тој им се обрати на полските вооружени сили во Краков на југ, за време на комеморацијата на 80-годишнината од победата на сојузниците во битката кај Монте Касино против нацистите за време на Втората светска војна.
Полска се граничи со руската ексклава во која се наоѓа Калининград, во должина од околу 230 километри, додека нејзината граница со Белорусија е долга околу 400 километри.
Претходната, десничарска полска влада изгради ѕид од 400 милиони долари на границата со Белорусија за да го запре масовниот прилив на мигранти кои почнаа да пристигнуваат во 2021 година, но сегашната проевропска влада верува дека границата треба дополнително да се зајакне.
Полска е верен сојузник на Украина во нејзината одбранбена војна против руската инвазија.