Десетици повредени во насилство во Бишкек

Демонстрации во Бишкек

Киргистанската влада соопшти дека 28 лица се повредени, меѓу кои и тројца странци, во инцидент што се случи во Бишкек ноќта меѓу 17 и 18 мај.

Насилството било предизвикано од видео снимка што кружеше на социјалните мрежи од тепачка во дворот на хостел во Бишкек во која учествувале „странци“.

Шефот на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан, Камчибек Ташиев рече дека по тепачката вечерта на 17 мај, 500-700 локални граѓани на возраст меѓу 18 и 25 години се собрале во центарот на градот за да протестираат како што велат поради зголемување на бројот на мигранти кои работат во Киргистан.

Полицијата за борба против нереди опколи делови од градот каде што се собраа демонстрантите.

Ташиев рече дека Киргистан се бори со приливот на илегални мигранти кои доаѓаат во земјата, главно од Пакистан и Бангладеш, додавајќи дека многу од нив „го прекршуваат законот“.

„Идентификуваме најмалку 20-30 или 50 илегални мигранти дневно и се обидуваме да ги протераме од земјата. Врз основа на официјалната статистика, повеќето од странците кои го прекршуваат законот се државјани на Пакистан и Бангладеш. Од нив, вративме околу 1.500 луѓе од Пакистан и околу 1.000 луѓе од Бангладеш во нивните земји“, изјави тој.

Министерот за здравство, Алимкадир Беишеналиев рече дека тројца странски државјани по судирите се на лекарска помош во болница, без да ја каже нивната националност.

Исто така, пакистанската амбасада соопшти дека 14 пакистански државјани се повредени во инцидентот, но ги негираше информациите дека тројца Пакистанци се убиени.