Хрватска во петокот вечер доби нова влада, откако парламентот и изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).
По целодневна, десетчасовна дебата, 79 претставници гласаа за поддршка на владата на ХДЗ и Движењето Татковина, еден беше воздржан, а 61 беа против.
Претседателот и членовите на Владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.
Во петокот пред Собранието беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.
Видете и ова: Пленковиќ доби мандат за формирање влада на ХрватскаВо новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.
Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.
Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.
До крајот на мандатот, пензиите се предвидува да се зголемат за најмалку 30 отсто, а просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра.
Новата влада, наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.