Европската унија на 17 мај забрани емитување на програми на уште четири руски медиуми во ЕУ поради, како што се наведува, ширење пропаганда за инвазијата врз Украина и за дезинформации.
Забраната за емитување се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент.
Последната група на медиуми кои се забранети ги вклучуваат веб-страницата Глас Европа, руската државна новинска агенција РИА Новости, весниците Известија и Росискаја газета, за кои ЕУ тврди дека се под контрола на Кремљ.
Официјалното соопштение за санкциите ја потврди одлуката на почетокот на неделава од страна на амбасадорите на 27-те земји-членки на блокот.
„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и беа од суштинско значење и инструменти во започнувањето и поддршката на руската агресорска војна против Украина и дестабилизацијата на нејзините соседни земји“, се вели во соопштението на ЕУ.
Видете и ова: Русија ја предупреди ЕУ на остар одговор ако воведе ограничувања за руските медиумиВо соопштението се наведува дека овие медиуми конкретно ги таргетираат „европските политички партии, особено во изборните периоди“.
Забраните ги опфаќаат „сите средства за пренос и дистрибуција во ЕУ или насочени кон земјите-членки на ЕУ“, но не ги спречуваат новинарите да работат во медиумите во Европската унија.
Веќе минатиот месец, Белгија отвори истрага за сомнително руско мешање во јунските избори низ Европа, велејќи дека разузнавачката служба на нејзината земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.
Чешката влада воведе санкции за голем број луѓе откако таму беше откриена операција на проруско влијание. Според наводите, тие им обраќале на членовите на Европскиот парламент и им понудиле пари за промовирање на руската пропаганда.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, ЕУ веќе суспендираше неколку медиуми, вклучително и Русија денес (РТ) и Спутник.