Управниот суд ja одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на Парламентарните избори одржани на 8 мај 2024 година.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување во тоа избирачко место влијае на конечните изборни резултати, ДИК треба да спроведе повторено гласање 14 ден од Парламентарните избори кои беа одржани на 8 мај. Повтореното гласање според тоа треба да биде на 22 мај.
Претходно денеска во текот на расправата, застапникот на тужителот, Коалицијата „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, посочи дека се оспорува решението на ДИК за прифаќање на приговорот за поништувње на гласањето на ИМ 1194 на Коалицијата „Твоја Македонија".
„Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел IV од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива дупла бројка. Според Изборниот законик погрешно пополнување на записник не е основ за поништување на гласањето“, изјави Рустеми.
Видете и ова: Загриженост во ДИК поради изјави на политичари по приговорите за изборитеДополнително, посочи Рустеми, во записникот нема заведено забелешки за евентуални неправилности.
Претставникот на ДИК, Катерина Василевска нагласи дека остануваат во целост на наводите од решението и одговорот на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована.
„ДИК постапи во законскиот рок и донесе одлука. По увидот во целосниот изборен материјал ДИК утврди дека бројот на идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список и не соодветствува со бројот на искористени гласачки ливчиња на гласачкото место“, нагласи Василевска.
Управниот суд пресудата ќе ја објави за два часа.
Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.
Видете и ова: Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинерингДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.
Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.