Судската власт е самостојна и независна и секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители преку тајно гласање да ги избираат своите преставници во Советот.
„Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, велат од Судскиот совет.
Видете и ова: Мицкоски: Мое човеково право е како ќе ја нарекувам мојата државаОттаму нагласуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и за се она што како недостиг се става на товар на судството.
„Критиките ги прифаќаме, меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги превзема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а се во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза“, нагласуваат од Судскиот совет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во обраќање на Самитот „Македонија2025“ вчера рече дека главен предизвик на идната влада ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние кои довербата во правниот систем ја свеле на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.
Мицкоски потенцираше дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту пак има намера да се меша во овие две тела.