За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции - да се раскине или да се репреговара. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Христијан Мицкоски, иден мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 16 мај.
„Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски.
Видете и ова: Уставен суд не поведе постапка за прекувремените работни часови на автопатите со „Бехтел и Енка“Тој најави и дека во првите сто дена новата влада ќе објави гринфилд инвестиција во енергетиката, вредна 400 - 500 милиони евра.
Мицкоски кажа дека станува збор за приватен капитал, „за голем играч со исклучително големи европски финансиски институции во акционерската структура“. Обртот на компанијата би била околу 80 - 100 милиони евра по основа на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати, а договорот со неа е завршен.
Според Мицкоски, ќе се произведува околу еден терават час електрична енергија што е една третина од производството на РЕК Битола.
На прашањето дали Унгарија е земјата со која Северна Македонија ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.
„Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие“, рече Мицкоски.
Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.