Уапсен маж во Србија кој му се заканувал на Вучиќ

Србија - Александар Вучиќ, претседател на Србија, 8 мај 2024 година

Маж во Србија е уапсен поради закана за загрозување на безбедноста на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 16 мај изјави дека е уапсен Д.М. од Сомбор.

„Полицијата доби наредба да му биде задржан 48 часа“, рече Дачиќ.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија не кажаа повеќе детали.

Видете и ова: Загриженост и осуда од европските лидери по пукањето кон Фицо

Радио-телевизијата на Србија (РТС) објави дека под објавата на претседателот на Србија на мрежата Икс (поранешен Твитер) се појавиле заканувачки пораки до Вучиќ откако тој изјави дека е шокиран од обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фиц.

Вучиќ кажа дека жителот на Сомбор, кој беше уапсен поради закани преку социјалните мрежи, претходно извршил околу 50 кривични дела, меѓу кои и разбојништва и тешки кражби.

„Тој човек ги правеше најтешките злосторства секој ден од својот живот - од грабеж до тешка кражба“, изјави Вучиќ за новинарите во Котор, каде што учествуваше на самитот за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, пренесе агенцијата Бета.

Според пишувањата на медиумите, полицијата во јануари уапсила и Борчанец кој преку социјалната мрежа Икс му се заканувал на претседателот на Србија.