Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека воената ситуација во североисточниот регион Харкив е „исклучително тешка“, но сепак „под контрола“.
Изјавата ја даде по состанокот со неговите воени началници во близина на линијата на фронтот.
„Ситуацијата во регионот Харкив е генерално под контрола, а нашите војници му нанесуваат значителни загуби на окупаторот. Сепак, ситуацијата во областа останува исклучително тешка“, напиша тој во објавата на Телеграм, откако ги слушнал извештаите од неговите команданти во Харкив, регионален главен град на 30 километри од руската граница.
Видете и ова: САД најавија пакет помош за Украина вреден 400 милиони долариПретходно денеска, украинската армија објави дека го запрела руското напредување во некои области на североисточниот регион Харкив, каде Русија започна нова офанзива минатата недела.
„Ситуацијата во регионот Харкив сè уште е комплицирана, но се развива на динамичен начин. Нашите одбранбени сили делумно ја стабилизираа ситуацијата. Напредувањето на непријателот во одредени зони и локалитети е запрено“, рече портпаролот на армијата утрото на 16 мај.
Предупредување за воздушен напад беше прогласено рано во четвртокот и во Киев и во неколку украински региони, при што украинските воздухопловни сили предупредуваа на закана од балистички ракети истрелани од Русија.