Западните претставници на протестите против спорниот закон во Грузија

Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Исланд на протест во Тбилиси, 15 мај 2024 година

Илјадници луѓе повторно излегоа на улиците на грузискиот главен град Тбилиси за да протестираат против контроверзниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот и покрај повеќенеделните демонстрации и предупредувањата на Западот дека законот ја загрозува евроатлантската интеграција на Грузија.

На демонстрантите во Тбилиси им се придружија и министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија, Литванија и Исланд во маршот кон зградата на парламентот во средата во знак на солидарност со западните аспирации на Грузијците, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Демонстрантите се собраа и на плоштадот на хероите, главната раскрсница во главниот град на Грузија, јавија дописниците на РСЕ од теренот.

Законот, кој го усвои парламентот под контрола на владејачката партија Грузиски сон на 14 мај, беше осуден од САД, Европската Унија и групите за права поради неговата сличност со рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користи за да ја замолчи опозицијата и да ги задуши независните институции.

„Заедно го започнавме ова патување и нашите народи знаат што значи да се биде под притисок од Москва. Никогаш нема да ве оставиме, но сите треба да ја обликуваме судбината на нашите народи“, рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, чија земја, како Грузија и Естонија, беше дел од поранешниот Советски Сојуз.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?

„Вие како народ го одлучивте вашиот пат кон Европа. Ние сите заедно ќе направиме сè за да продолжиме по овој пат“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Кахна.

„Јас сум овде денес, вие не сте сами и ја имате нашата почит“, рече министерот за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Гилфадотир.

На протестниот марш се приклучи и министерка за надворешни работи на Летонија, Баиба Бразе.

Четворицата западни претставници претходно се сретнаа со грузиската претседателка Саломе Зурабишвили и одржаа заедничка прес-конференција.

Зурабишвили на конференцијата предупреди дека опстанокот на Грузија како држава е во опасност откако парламентот го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ и повтори дека ќе стави вето на законот затоа што владата „не го послуша гласот на својот народ ниту советите на нејзините пријатели, ниту ничие предупредување и тргна по својот пат“.

Според законот, медиумските куќи, невладините и другите непрофитни организации ќе мора да се регистрираат дека „работат за интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 проценти од нивното финансирање доаѓа од странство.

Зурабишвили, која е во судир со владејачката партија Грузиски сон која го протурка законот во парламентот, има 10 дена да стави вето, но Грузиски сон и неговите партнери во парламентот имаат доволно пратеници за да го отфрлат ветото на претседателот.

Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси на 14 мај, рече дека односите на Вашингтон со земјата ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.