Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, изјави дека преку писмо го информирала Советот на Европа дека Косово подготвува нацрт статут за формирање „механизам за самоуправување, координација и соработка на општините со српско мнозинство на Косово (ЗСО)“.
Овој нацрт ќе биде испратен на толкување до Уставниот суд до крајот на мај.
Владата претходно призна дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е поставено како услов за прием на Косово во Советот на Европа.
Според Гервала, нацрт-статутот ги задоволува потребите на граѓаните на српската заедница и истовремено ги почитува Уставот на Косово и принципите на Советот на Европа.
„Нацртот обезбедува не само целосно почитување на Уставот и законите на Република Косово, туку во исто време спречува неовластени интервенции однадвор, како во општините на Косово, така и низ целата земја“, напиша Гервала на Фејсбук.
Гервала изјави дека заедно со конкретизирање на напорите за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, Косово очекува Советот на Европа да го исполни својот дел од обврската и да го покани Косово да се приклучи во Советот на Европа без одлагање, бидејќи Приштина ги исполнила сите услови.
Видете и ова: Заедницата на општини со српско мнозинство - пречка на патот на Косово кон Советот на ЕвропаКомитетот на министри на Советот на Европа заседава на 16 и 17 мај во Стразбур. Ова тело го дава последниот збор за прифаќање на една земја во членство.
Заменик министерот за надворешни работи Крешник Ахмети на 14 мај изјави дека прашањето за прием на Косово во оваа организација за човекови права не е на дневен ред на Комитетот на министри.
Џералд Кнаус, од Европската иницијатива за стабилност, го објави на интернет Х, целото писмо кое Гервала го испратила до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, грчкиот пратеник Теодорос Русопулос.
Во писмото, чија автентичност за РСЕ ја потврдија од Владата на Косово, се наведува дека нацрт-статутот што Косово го подготвува ќе биде испратен на толкување до Уставниот суд на Косово до крајот на мај.