Лидерите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, ги претставија односите на нивните земји како стабилизирачка сила во еден хаотичен свет на состанокот во Пекинг, каде што рускиот претседател бара поголема кинеска поддршка за неговите воени напори во Украина и изолираната економија.
Си и Путин потпишаа и заедничка изјава за продлабочување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Русија, објавија кинеските државни медиуми.
На прес-конференција Путин рече дека му е „благодарен“ на Пекинг што се обидел да најде решение за војната во Украина и дека ги поздравил растечките економски врски со Кина.
„Ќе го информирам претседателот на Народна Република Кина за ситуацијата околу украинската криза. Ние сме им благодарни на нашите кинески пријатели и колеги за иницијативите што ги даваат за решавање на овој проблем“, рече Путин.
Кинескиот лидер Си Џинпинг изјави дека тој и рускиот колега Владимир Путин се согласиле за потребата од „политичко решение“ за војната во Украина, по разговорите меѓу двајцата претседатели во Пекинг.
„Двете страни се согласуваат дека политичкото решение за украинската криза е правилна насока“, изјави Си за медиумите заедно со Путин на заедничката прес-конференција што ја емитуваше Руската телевизија.
Москва тврди дека е отворена за разговори со Украина за завршување на војната, но инсистира дека Киев мора да ја прифати ситуацијата на терен, односно да се согласи со тврдењата на Русија дека ги анектирала регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје.
Кина се позиционира како неутрална страна во конфликтот, кој никогаш не го осуди и во кој се обиде да се претстави како посредник. Западните земји велат дека нејасните мировни предлози објавени од Пекинг минатата година ќе и овозможат на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.
Видете и ова: Одбраната во фокус на посетата на Путин на КинаВо Пекинг меѓудругото, Путин ги критикуваше и безбедносните сојузи предводени од Западот во азиско-пацифичкиот регион, што е заедничка грижа и за Москва и за Пекинг.
Тој рече дека „затворените воено-политички сојузи“ во регионот се „многу штетни“ и „контрапродуктивни“.
Претходно, Си го поздрави Путин на свечената церемонија за добредојде со воени почести пред Големата куќа на народот во Пекинг, на почетокот на дводневната посета на рускиот претседател, која се очекува да ги продлабочи односите меѓу Москва и Пекинг, за кои претходно рекоа дека „ без граници“.
Си му рекол на својот „стар пријател“ Путин дека односите меѓу Кина и Русија „водат кон мир“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Пекинг.
„Кина е подготвена да соработува со Русија за да ги зачува правичноста и правдата во светот“, додаде Си.
Путин, пак, му рекол на Си дека односите на двете земји се „стабилизирачки фактори на меѓународната сцена“.
„Односите меѓу Русија и Кина не се опортунистички и не се насочени против никого“, рече Путин, според соопштението на Кремљ.
Ова е прво патување на Путин во странство откако тој беше реизбран во март и негово второ за нешто повеќе од шест месеци во Кина, која обезбеди економски спас за Русија откако беше санкционирана од Западот поради нејзината агресија во Украина.
Се очекува Путин да разговара за Украина, Азија, енергијата и трговијата со Си - неговиот најмоќен политички поддржувач и колега во геополитичкото ривалство со САД.