Украина тврди дека го запрела напредувањето на Русија во некои области кај Харкив

Харкив, Украина

Украинската армија денеска (16 мај) објави дека го запрела руското напредување во некои области на североисточниот регион Харкив, каде Русија започна нова офанзива минатата недела.

„Ситуацијата во регионот Харкив сè уште е комплицирана, но се развива на динамичен начин. Нашите одбранбени сили делумно ја стабилизираа ситуацијата. Напредувањето на непријателот во одредени зони и локалитети е запрено“, рече портпаролот на армијата.

Портпаролот на армијата рече дека руските сили „секогаш се обидуваат да создадат услови за нов напредок“ и додаде дека украинските војници „се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата, да нанесат штета и да го спречат непријателот да ја окупира територијата“.

Видете и ова: Зеленски ги одложи патувањата во странство поради „тешката“ ситуација на фронтот

Предупредување за воздушен напад беше прогласено рано во четвртокот во Киев и неколку украински региони, при што украинските воздухопловни сили предупредуваа на закана од балистички ракети истрелани од Русија.

Руските сили редовно напаѓаат цивили во регионите на Украина, со бројни фатални жртви, меѓу кои и деца, како и огромни штети на цивилната и енергетската инфраструктура, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Во средата две лица загинаа во руски артилериски напад во Днепар, соопштија локалните власти.