Без договор за прашањето за употребата на српскиот динар заврши и денешната (15 мај), седма по ред средба во Брисел меѓу главните преговарачи на Косово и Србија.
Косовскиот главен преговарач рече дека ќе нема повеќе средби во рамките на дијалогот на оваа тема. Европската унија потврди дека нема волја на страните да постигнат компромисно решение.
„Средбата пропадна затоа што немаше подготвеност од српската страна да се разговара за предлогот на (Мирослав) Лајчак [европскиот пратеник за дијалог]. Нивната позиција денес назадувала во споредба со претходните три состаноци“, изјави косовскиот преговарач Бесник Бислими на крајот од состанокот кој траеше повеќе од осум часа.
Видете и ова: Средба меѓу Косово и Србија за динарот во среда во БриселГлавниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, одговорноста за неуспехот на преговорите за динарот ја префрли на косовската страна.
Но, призна и дека Србија дошла со нови предлози.
„Иако нашата страна повторно беше конструктивна, иако излеговме со нови предлози, покажавме дека сакаме договор. Излеговме со шест нови предлози“, рече Петковиќ.
На средбата, Косово и Србија требаше да се договорат за компромисниот предлог што го даде европскиот претставник Мирослав Лајчак.
Петковиќ рече дека Белград не ја затворил вратата за понатамошни разговори, бидејќи Србија, како што посочи, сака решение зашто без него „на Србите на Косово им е потешко“.
Ова беше седма средба за динарот која пропадна бидејќи Приштина и Белград не успеаја да најдат заеднички јазик. Целта на овие состаноци беше да се постигне привремено решение за примена на регулативата на Централната банка на Косово, според која од 1 февруари годинава еврото е единствената валута за готовинско плаќање во Косово.
ЕУ жали за исходот од состанокот
„ЕУ жали што денес не беше можно да се постигне договор. ЕУ оценува дека нема подготвеност да се најде компромисен договор во иднина“, се вели во изјавата на портпаролот на Унијата по средбата на преговарачите од Србија и Косово.
Во изјавата од ЕУ, се потврдува подготвеноста на Брисел да свика нова средба на оваа тема, „штом страните покажат волја за изнаоѓање заемно прифатливо решение“.
Како што се наведува во соопштението на ЕУ, меѓу предлозите што ги дала европската страна бил и договор за формирање на нов деловен субјект според косовскиот закон, кој би имал задача привремено да ја распределува финансиската помош за косовските Срби што ја дава Србија.
Видете и ова: ЕУ: Поради недостаток на дијалог, Србија и Косово со ризик да останат без пари од Планот за растСепак, како што соопшти прес-службата на ЕУ, и покрај тоа што Унијата доставила компромисен предлог, страните не можеле да се договорат за неколку клучни прашања, вклучувајќи го и вкупниот обем на активности што би ги имал тој нов субјект, опфатот на корисници на овој субјект и обемот на финансиска помош од Србија.
„Отсуството на договорен пат за напредок има негативни последици врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово и е постојан извор на загриженост“, се заклучува во соопштението од ЕУ.
Меѓународната заедница претходно побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата на Централната банка на Косово и да најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години прима исплати во динари од буџетот на соседна Србија.