Министрите за европски прашања и за финансии на земјите од регионот и претставниците на Европската комисија на 15 мај во Котор разговараа за спроведувањето на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, „тежок“ шест милијарди евра.
Средбата беше организирана во пресрет на почетокот на Самитот на ЕУ и лидерите на земјите од регионот, што ќе се одржи во Котор утре (16 мај), а чиј домаќин ќе биде црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.
Министрите разговараа и за пристапот до единствената зона за плаќање во евра (СЕПА), за подобрување на трговските и транспортните капацитети меѓу земјите од регионот и членките на ЕУ, како и за подобрување на снабдувањето со критични лекови и за Центарот за дигитални иновации, соопшти Министерството за европски прашања на Црна Гора.
Видете и ова: Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен БалканНа министерскиот состанок учествуваше и генералниот директор за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Герт Јан Купман.
Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ рече дека приоритет на нивната Влада во рамки на Планот за раст се 44 инфраструктурни проекти во областа на образованието, како и забрзување на развојот на инфраструктурата во областа на транспортот и енергетиката.
Нејзината колешка од Србија, Тања Мишчевиќ, посочи дека се благодарни на Брисел за сумата што ја издвојува преку Планот за раст, нагласувајќи дека „парите се помалку важни во споредба со тоа што ќе се забрзаат европските интеграции“.
„Западен Балкан оди во вистинска насока“, рече Мишчевиќ.
Албанскиот министер и главен преговарач, Мајлинда Дука, смета дека е важно граѓаните и економијата да ги разберат придобивките од овој процес, со цел да се зголеми поддршката за европската интеграција.
„Сакаме зборовите на хартија да се преточат во дело. Затоа ни е потребна синергија, на национално, регионално и ниво на ЕУ“, рече Дука.
Видете и ова: Вархеји: Планот за раст може да ги удвои на економиите на Западен БалканЗа нејзиниот колега, министерот за финансии Ервин Мета, видлив е напредокот на земјите од регионот во процесот на донесување регулативи и приближување кон единствениот европски пазар.
Од Северна Македонија на состанокот учествуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и заменик-министерот за финансии Филип Николовски.
Маричиќ посочи дека смета оти постои високо ниво на посветеност на реформите.
„Планот за раст нема да биде само уште една убава идеја, туку ќе имаме реални придобивки, а граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките уште пред формалното членство во ЕУ“, рече Маричиќ.
Николовски, пак, порача дека Планот за раст е значајна алатка и сите земји треба да вложат максимални напори да го искористат.
На средбата присуствуваа и заменик-министерот за финансии, труд и трансфер на Косово, Авни Зогиани и советникот на министерот за финансии и трезор на Босна и Херцеговина, Жељко Јањетовиќ.
Присутни беа и претставници на Секретаријатот на Централноевропскиот договор за слободна трговија, Транспортната заедница, Енергетската заедница, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка…
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканПланот за раст за Западен Балкан ќе биде тема на самитот на лидерите на земјите од регионот и претставниците на ЕУ и САД закажан за утре. Најавено е присуство на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан.
Претходно овој месец, Советот на ЕУ одобри план вреден шест милијарди евра за поддршка на земјите од Западен Балкан, чија цел е да се забрзаат реформите и економскиот раст во регионот.
Од таа сума, две милијарди евра ќе бидат во форма грантови, а четири милијарди како поволни заеми гарантирани од ЕУ.
Претходните самити на лидерите од Западен Балкан и ЕУ се одржаа во Скопје и Тирана.