Импровизиран кревет и забоден нож биле пронајдени во подземна гаража кај паркинг местото на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.
Случајот е пријавен во полициска станица, а потврда стигна и од Уставен.
„На 14.05.2024 во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло“, велат од МВР.
За случајот известен е и јавен обвинител, а подигнати се и предмети за вештачење.
Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, попладнето на 15 мај посочи дека Кацарска вчера пријавила евентуално загрозување на сигурноста, но дали станува збор за закана или нешто друго, рече, треба да утврдат надлежните.
„Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиното паркинг место во подземна гаража од затворен тип, во која има околу 50 други автомобили наоколу, е пронајден забоден нож во прекинувачот за струја кој се употребува за да се осветли делот над нејзиниот автомобил“, рече Беловска.
Видете и ова: Агелер - Мора да престанат притисоците врз судствотоОва не била единствената закана за Кацарска. Беловска посочи дека досега имало повеќе непријатности во континуитет или како што рече, „некои ситни инциденти и закани на социјалните мрежи упатени лично кон судијката коишто закани сè уште се достапни“.
„Меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти се до моментот од вчера кога беше пронајден нож на нејзиниот личен имот“, рече портпаролката на Уставен.
Во изминатите 24 часа, полицијата регистрираше уште еден инцидент на паркинг место во Скопје. Во текот на ноќта било запалено возило во сопственост на затворот „Идризово“ што го користел директорот на установата, Зоран Јовановски.
„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во полициска станица било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило ’фолксваген пасат‘, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј. Од пожарот бил зафатен и дел од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Пожарот бил изгаснат од противпожарна екипа, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Видете и ова: Одбраната на осудените за „27 април“ бара да се укине пресудатаКацарска пред да стане судијка и претседателка на Уставен, беше судијка во Основниот кривичен суд Скопје каде судеше неколку предмети кои изминатите години беа во фокусот на јавноста. Меѓу нив, неколку иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), како и најмасовниот случај со упадот во Собранието на 27 април 2017 година во кој за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беше донесена осудителна пресуда за 16 лица – повеќето осудени над 10 години затвор.
Јовановски, пак, пред да стане директор, беше судија поротник, а „27 април“ е еден од предметите во кои тој беше дел од поротата.
На новинарско прашање до Уставен, дали има индиции дека заканите кон Кацарска и запалениот автомобил на Јовановски се поврзани, портпаролката на судот рече дека од нејзината позиција „не може да даде таква паралела“ и „прашањето треба да се упати на друга адреса“.