Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги одложи сите претстојни патувања во странство, што е знак за тешкотиите со кои се соочуваат украинските сили додека се борат да го спречат рускиот напредок во североисточниот регион Харкив.
Зеленски требаше да ги посети Шпанија и Португалија во наредните денови и да потпише билатерален безбедносен договор во Мадрид со шпанскиот премиер Педро Санчез на 17 мај. Тој требаше да се сретне и со шпанскиот крал Фелипе.
„Володимир Зеленски наложи да се одложат сите меѓународни настани со него, закажани за наредните денови и да се координираат новите датуми. Благодарни сме на нашите партнери за нивното разбирање“, напиша на 15 мај на Фејсбук секретарот за печат на Зеленски, Серхи Никифоров.
Не беше наведена конкретна причина за одложувањето, но Никифоров напиша дека Зеленски на 15 мај одржал состанок со неговите воени команданти, вклучително и главниот командант, генерал полковник Олександар Сирски, на кој се разговарало за ситуацијата во регионот Харкив.
Русија притиска напред кон северот на регионот Харкив, а украинската војска на 15 мај соопшти дека презема чекори за да ги спречи руските сили да се движат во северниот дел на спорниот град Вовчанск, кој се наоѓа на само 5 километри од руската граница.
Вовчанск стана фокусна точка на најновата руска офанзива бидејќи силите на Кремљ се обидуваат да заземат населби источно од Харкив - вториот по големина град во Украина, со население од околу 1,4 милиони луѓе пред војната.
Московските трупи влегоа во регионот Харкив на 10 мај, отворајќи нов североисточен фронт.
Видете и ова: Во напад на Харкив двајца повредени, изгорени неколку куќиНапредокот може да повлече дел од исцрпените сили на Киев од исток, каде што Русија полека напредува.
Аналитичарите велат дека Русија се обидува да добие максимален импулс на бојното поле пред да пристигне новиот бран воена помош за Киев од САД и европските сојузници на Киев во наредните недели.
Руското Министерство за одбрана на 14 мај соопшти дека го зазело пограничното село Бухруватка, но тврдењето не може да биде независно потврдено. Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на 15 мај изјави дека и покрај постојаното руско гранатирање, во моментов нема планови за евакуација на градот.