САД ја предупредија Рајфајзен банка дека пристапот до финансии може да и биде ограничен

илустрација

Американското Министерство за финансии писмено ја извести Рајфајзен Банк Интернационал (РБИ) дека може да и биде ограничен пристапот до американскиот финансиски систем поради нејзините операции во Русија, изјави за Ројтерс лице кое ја видело преписката.

Заменик-министерот за финансии Воли Адежемо испрати писмо до РБИ на 6 мај, во кое изрази загриженост за проширувањето на РБИ во Русија, како и за договорот од 1,5 милијарди долари со санкциониран руски тајкун што банката во меѓувреме го прекина, рече лицето кое побара да биде анонимно.

Иако Рајфајзен се повлече од договорот со тајкунот Олег Дерипаска неколку дена по пристигнувањето на писмото, изворот рече дека загриженоста на американското Министерство за финансии за бизнисот на Рајфајзен во Русија, останува.

Тоа е најсилното предупредување досега до најголемата западна банка во Русија и по неколкумесечниот притисок од Вашингтон, кој повеќе од една година го истражува работењето на австриската банка во земјата под санкции поради инвазијата на Украина.

Портпаролот на Рајфајзен изјави дека банката се откажала од договорот во врска со градежната компанија Страбаг.

Портпаролот рече дека РБИ „значително ги намалила“ своите активности во Русија и презела широки мерки за да го ублажи ризикот од санкции.

„РБИ ќе продолжи да работи на деконсолидација на својата руска подружница“, изјави портпаролот за Ројтерс.

Видете и ова: Ерменските банки нема да примаат руски картички поради закана од американски санкции

Во писмото, Адежемо, вториот највисок функционер во американското Министерство за финансии, вели дека продолжувањето на Рајфајзен би било во спротивност со уверувањата на гаранциите што РБИ му ги дала на Министерството за финансии дека се обидува да се повлече од Русија, рече изворот.

Адежемо предупреди дека активностите на РБИ го зголемуваат ризикот дека Министерството за финансии ќе мора да преземе акција за да го ограничи пристапот на банката до финансискиот систем на САД, со оглед на загриженоста дека нејзиното однесување ја доведува во опасност националната безбедност на САД.

САД се најмоќниот регулатор во светот, главно затоа што може да го прекине пристапот на банката до доларот, што е основа на меѓународните финансии. Губењето на пристапот до доларот веројатно би ја турнал секоја банка во криза.

Предупредувањето врши поголем притисок врз Рајфајзен банка, која е клучен финансиски мост за руските поединци и компании кон Запад, давајќи им пристап до евра и долари.