САД, ЕУ и ОН загрижени поради усвоениот грузиски закон за „странски агенти“

Протести во Грузија против контроверзниот закон за „странски агенти“, илустрација

Соединатите држави (САД), Обединетите Нации (ОН) и Европската Унија (ЕУ) денеска на 14 мај изразија загриженост за одлуката на грузискиот парламент со кој се одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ кој предизвика неколкунеделни масовни протести. Демонстрантите во Грузија го сметаат овој закон за закана за интеграцијата на земјата во евро-атлантските институции бидејќи го отсликува слична репресивна легислатива како во Русија.

Веќе неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против нацрт-законот, кој беше презентиран од владејачката партија Грузиски сон. Протестите многупати беа насилно потиснати со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа жртви и на насилници.

Видете и ова: Студентите во Грузија протестираат против законот за „странски агенти“ пред клучното гласање


Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на 14 мај ги пофали демонстрантите, за кои рече дека „сонуваат за Европа“. Мецола рече дека Европскиот парламент „стои со народот на Грузија“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок исто така испрати порака за солидарност и поддршка до грузиските демонстранти.

„Владеењето на правото, демократските стандарди и слободата на медиумите се од суштинско значење за пристапувањето во Европската унија. И десетици илјади луѓе во Грузија покажуваат дека срцето на Европа чука не само меѓу Варшава и Лисабон“, напиша Баербок на Инстаграм.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека усвојувањето на законот „ја поткопува демократијата на Грузија“ и „го загрозува нејзиниот пат за европска интеграција“.

Претставништвото на Обединетите нации во Тбилиси предупреди дека усвојувањето на законот „ја загрозува слободата на изразување“ и ги повика властите да го истражат насилниот третман на демонстрантите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тбилиси


Пред последното гласање, во парламентот избувнаа препукувања меѓу пратениците на Грузискиот сон и опозицијата, при што телевизиските снимки покажуваат како пратеници, мажи и жени, се туркаат и си разменуваат удари.

Грузиската полиција уапси 20 лица додека насилно го растури собирот пред парламентот на 13 мај.

Според контроверзниот нов закон, медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владејачката партија „Грузиски сон“ која го протурка законот, возврати на критиките, соопштувајќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.

Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати законот до претседателот Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето. Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го поништи нејзиното вето со ново гласање, овојпат со просто мнозинство.