Шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир денеска (14 мај) ја посети македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Вилата Водно. Таа на првата средба со Гир по нејзината инаугурација на 12 мај, изјави дека иднината на државата, несомнено е во Европската Унија, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
Во разговорот со Гир, за пристапниот процес на државата, претседателката Сиљановска Давкова посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.
„Нашата иднина несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности“, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Видете и ова: ЕУ: Новата претседателка Сиљановска Давкова имаше несреќен настапСиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.
Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми, се вели во соопштението.
Сиљановска Давкова предизвика низа реакции од меѓународната заедница, откако во заклетвата дадена на 12 мај пред Собранието не го користеше новото уставно име – Република Северна Македонија. Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на земјава кон полноправно членство во ЕУ.
Видете и ова: Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ не бегаат од Преспанскиот договор, но не се откажуваат од само „Македонија“Преспанскиот договор, со кој официјалното име на државата беше додадена „Северна“ е реалност и за партијата и за претседателката и за Радио Слободна Европа одговорија дека тие „нема да бегаат од тоа во официјалната употреба“.
Ова се ставовите на новата претседателка на државата и партијата која ја поддржа во трката за шеф на државата, ВМРО-ДПМНЕ, по реакциите од властите во Грција, Бугарија и Европска Унија (ЕУ) со потсетување да се почитуваат договорите што Скопје ги постигна со Атина и Софија.
Потпишувањето на Преспанскиот договор го реши речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на државата со што се одблокира патот до полноправно членство во ЕУ и НАТО. Северна Македонија денес е членка на Алијансата, но чека отворањето на кластерите во преговорите со Брисел. За тоа да се случи, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.